Рускиот суд ги суспендираше активностите на фондациите на Навални

Директорот на Фондацијата за борба против корупција, Иван Жданов

Руското обвинителство ги прекина сите активности во канцелариите на Фондацијата за борба против корупција и Фондацијата за заштита на правата на граѓаните на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални и побара од градскиот суд во Москва да го стори истото.

Адвокатот на една од фондациите, Владимир Воронин рече дека обвинителството донело одлука самостојно да ги суспендира активностите, но,тоа треба да побара од судот, бидејќи институцијата нема овластување.

Директорот на Фондацијата за борба против корупција, Иван Жданов изјави дека забраната ќе остане на сила се додека судот не донесе одлука за барањето на обвинителството во Москва за класифицирање на организациите како екстремистички.

„Тие врескаат со овој потег: Се плашиме од вашите активности, се плашиме од вашите протести, се плашиме од паметно гласање“, напиша Жданов на Твитер.

Во барањето за суспендирање на активностите на фондациите градскиот обвинител во Москва, Денис Попов побара од судот да им забрани на организациите на Навални да ги објавуваат резултатите од истражните извештаи на интернет, да одржуваат митинзи и демонстрации и да учествуваат на избори и референдуми.

„Трите работи од кои се плаши Путин се многу погодно истакнати- истраги, собири и учество на избори“, напиша на Твитер Георги Албуров, член на одделот за истраги на Фондацијата за борба против корупција.

Овој потег е дел од пошироката иницијатива на обвинителството во Москва, кое се обидува да го натера градскиот суд да ги означи организации на Навални како „екстремистички“ и да ги затвори бидејќи тие „се занимаваат со создавање услови за дестабилизација на социјалната и социополитичка состојба под маската на нивните либерални пароли“.