Маричиќ го поздрави изборот на нови обвинители

Министерот за правда, Бојан Маричиќ

Министерот за правда, Бојан Маричиќ денеска изјави дека треба да се поздрави фактот што по долго време се случил избор на нови јавни обвинители.

„Нормално е членовите на Советот на јавни обвинители да комуницираат меѓу себе, можно е некој од внатре кој го знаел расположението по определени кандидати, да ги пренел информациите. Но, тоа прашање да го упатите до Советот на јавни обвинители, бидејќи тие се надлежни и тие одлучуваат“, рече денеска Маричиќ на прашање зошто „однапред се знаеле имињата на новите јавни обвинители“ во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и во Вишото јавно обвинителство.

Според него, оние што беа избрани се долгогодишни и добри обвинители, и тоа покажува дека во Советот на јавни обвинители внимателно ги разгледувал сите поединечни апликации.

„Не би сакал да коментирам, кој бил избран, а кој не. Тие што не се избрани нормално дека се разочарани, но мислам дека Советот на јавни обвинители е единствено надлежен да цени и да каже според ставот, искуството, профилот на секој од личностите. Впрочем имаше и интервју со секој поединец. Првпат се вршеше изборот по новата законска рамка. односно по новиот Закон за јавни обвинители и затоа тој процес траеше и малку подолго, бидејќи беше потребно и ново нивно оценување“, рече Маричиќ.

Тој порача и дека секој кандидат кој не бил избран овој пат, може да конкурираа повторно.

Советот на јавни обвинители на седницата на 22 април а ги избра Фатиме Фетаи, Бурим Јустеми, Сашо Рајчев, Наум Пановски и Снежана Бундалевска – Георгиевска за обвинители во Вишото јавно обвинителство – Скопје.

Исто така денеска Советот ги избра за обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје Лиле Стефанова, Артан Арјо, Трајче Пеливанов, Наташа Поп Трајкова и Катерина Коларевиќ.