Раст на бројот на заразени од коронавирус во Индија, болниците пријавуваат недостиг на кислород

Индија пријави нов дневен рекорд на новозаразени со коронавирус трет ден по ред, додека болниците преплавени со пациенти со ковид-19 јавуваат за алармантен недостиг на кислород.

Во земјата вчера се регистрирани скоро 345 илјади нови случаи, со што вкупниот број заразени во Индија надмина 16 милиони. Индија е на второто место по вкупниот број заразени, веднаш зад САД.

Министерството за здравство информира дека во изминатото деноноќие починале над 2600 луѓе, со што бројот на починати надмина 189 илјади.
Болниците во Њу Делхи и во некои од најтешко погодените држави, како што е Махараштра, јавија дека имаат критичен недостиг на кислород и болнички кревети.

Семејствата со денови чекаат да ги кремираат своите блиски во преплавените крематориуми.

Најмалку 20 пациенти на интензивна нега во болницата Џајпур во Њу Делхи ноќеска починале зашто притисокот на кислородот бил премногу низок, објави весникот Индијан експрес.

Владата ги засили напорите за испорака на кислород, користејќи специјални експрес возови, авиони и камиони.