Русија прогласи двајца бугарски дипломати за персона нон грата

Амбасадата на Бугарија во Москва.

Амбасадорот на Република Бугарија во Москва, Атанас Крастин, е повикан во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, каде му е соопштено дека двајца дипломати од бугарската Амбасада се прогласени за персона нон грата, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

Причина за ваквата постапка на руските власти е прогласувањето на двајца дипломати од руската Амбасада во Софија за персона нон грата за дејствијата што се некомпатибилни со Виенската конвенција.

Бугарското Министерство за надворешни работи ги прогласи двајцата руски дипломати за „персона нон грата“ на 22 март, поради тоа што спроведувале активности „некомпатибилни“ со нивниот дипломатски статус.

Руската амбасада тогаш ја нарече оваа одлука „неоснована“ и соопшти дека Москва го задржува правото да возврати.

Бугарија има блиски културни, историски и економски врски со Русија, која е главен енергетски партнер на земјата, но односите меѓу двете земји се погодени од неколку шпионски скандали во изминатите години.

На 19 март, бугарските власти објавија дека разбиле шпионска група која ѝ оддавала воени тајни на Русија. Обвинителите соопштија дека шест лица, вклучително и поранешни и сегашни воени разузнавачи, биле приведени и обвинети за оддавање класифицирани информации за Бугарија, НАТО и ЕУ на руската амбасада во Софија.

Воениот окружен суд во Софија одреди притвор за петмина од нив, додека шестиот е пуштен да се брани од слобода, објави новинската агенција БТА. Од октомври 2019 година, Бугарија, која е членка на НАТО и ЕУ, протера петмина дипломати и вработени во руската амбасада обвинети за спроведување разузнавачки активности.

Американскиот амбасадор во Москва се враќа на консултации во Вашингтон поради зголемените тензии