Американскиот амбасадор во Москва се враќа на консултации во Вашингтон поради зголемените тензии

Американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан

Американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан рече дека оваа недела ќе се врати во САД на консултации во време на зголемени тензии меѓу Москва и Вашингтон.

Односите меѓу Русија и САД влегоа во нова фаза на зголемените тензии, кога американскиот претседател Џо Бајден воведе нови санкции поради компјутерски напади, мешање во изборите и заканите против американските војници во Авганистан.

Понатамошното влошување на односите има и околу здравствената состојба на затворениот руски опозиционер Алексеј Навални, натрупувањето руски војници долж границата со Украина и во Крим и новите обвинувања за руска вмешаност во експлозијата во магазин за муниција во Чешка во 2014 година.

„Верувам дека е важно за мене да зборувам директно со моите нови колеги во администрацијата на Бајден во Вашингтон за моменталната состојба на билатералните односи меѓу САД и Русија“, рекол Саливан, пренесе денеска портпаролката на амбасадата Ребека Рос.

Тој најави дека ќе се врати во Москва во наредните недели пред каква било средба меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин.