Амбасадата на САД го поздрави усвојувањето на стратегија за спречување на корупција

Собрание на Република Северна Македонија

Американската амбасада во Скопје го поздрави усвојувањето на Националната стратегија за спречување на корупција и конфликт на интереси за периодот 2021 – 2025 од страна на Собранието.

„Ова е важен чекор, но вистинскиот напредок ќе се мери со успешното спроведување на стратегијата. Борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото се клучни за Северна Македонија и се главен фокус на нашето стратегиско партнерство“, се наведува во објавата на Амбасадата.

Стратегијата беше донесена на вчерашната 32 седница, на која, за да може да се обезбеди кворум, со скафандери дојдоа двајца пратеници од владејачкото мнозинство заболени од ковид-19. Тие дојдоа облечени во скафандери и со заштитна опрема, а гласаа од посебна просторија во Собранието. Опозицијата го осуди ваквото нивно однесување.