Во болница се лечат 1663 пациенти со ковид-19

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Вкупно 1663 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 380 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 48 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 702 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекува вкупно 961 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 151 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19. Во болницата во Штип е хоспитализиран 91 пациент. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 90 болни, а во Куманово 94 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани 100 пациенти, во Прилеп 116 во ковид центарот во Гостивар 44, а во Струга 18 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 90 пациенти, во Кочани 27, во Кичево 25, Кавадарци 55, а во Гевгелија 22 лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.