Не се почитува договореното за матурата, предупредува Сојузот на средношколци

Заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев и лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата за матурата, архивска фотографија

Сојузот на средношколци денеска испрати предупредување до претседателот на Владата Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска за непочитување на постигнатиот договор за државната матура. Предупредувањето е испратено и до
директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска.

Од Сојузот наведуваат дека се загрижени за спроведувањето на договорот постигнат за државната матура во учебната 2020/21 година. Од таму наведуваат дека матурантите го информирале Сојузот дека одредени професори од некои средни училишта изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки во договорот.

Според договорот постигнат меѓу Сојзуот на средношколци Владата за државната матура, „училиштата се должни да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања, најдоцна три недели пред денот на испитот. Истите да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања“.
Оваа точка на договорот е флагрантно прекршена од некои средни училишта во земјата, велат од Сојузот.

Тие бараат од властите да интервенирате, за сите средни училишта истовремено да го почитуваат и спроведуваат договорот.