Бубрезите и коските од донорот на срцето ќе се трансплантираат кај други пациенти

Докторите и се поклонуваат на младата девојка чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи.

Од починатата девојка во сообраќајна несреќа, чие семејство дозволи донарање на нејзините органи, во текот на наредните денови ќе се трансплантираат и бубрезите како и коски за пациенти со тешки фрактури кои немале можност да стават протези и карциноми кои им ги оштетиле коските, соопштија од министерството за здравство. Претходно, 22 годишното момче кое синоќа го доби нејзиното срце боледувало од сериозно заболување кое го оштетува срцето.

„Два бубрега од донорот денеска ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. В понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава, се наведува во соопштието од Министерството.

Претходно министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил напиша дека трансплантацијата на срце поминала успешно и дека пациентот постепено се буди.

„Утрово бевме во визита на пациентот кој е во стабилна состојба. Да држиме среќа неговото тело да го прифати срцето. Силно верувам дека ќе ја имаме втората успешна трансплатација на срце, а младиот пациент ќе добие шанса во животот. Заради ваквите подвизи и хуманата природа на докторската работа вредат сите непроспиени ноќи во салите за операција“, напиша Филипче.

Тие упатуваат голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други.

Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина.