Oбвинение против 11 луѓе за злоупотреби при издавањето пасоши

Илустрација - Пасоши

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопши Обвинителството. Според обвинението, 10 луѓе се обвинети за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

„Обвинетите, како службени лица вработени на различни позиции во МВР – Одделение за управни работи Скопје, поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен на органите на прогон, во период од средината на месец јуни 2017 година до крајот на 2020 година, во повеќе наврати со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики или други слични околности“, стои во соопштението на ОЈО.

Обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет. Пасошите биле издавани заобиколувајќи ги законите.

МВР минатата недела уапси полициски службеници кои биле дел од синџир за фалсификување патни исправи и лични документи.

„Обвинетите имале материјална корист од тоа што ја искористиле својата службена положба и овластување. Тие правеле лажни јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Притоа употребиле податоци за идентитети на лица, државјани на Северна Македонија, кои до сега не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа, а се иселени од Македонија или од раѓање живеат во странство, кои немаат остварено влез во земјава, но поседуваат македонско државјанство. Потоа обвинетите ги користеле податоците на овие лица за изработка на патни исправи, со вметнување на фотографии од баратели на патни исправи кои заради криминални активности се бараат со меѓународни потерници. Тие баратели потоа имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет“, наведува Обвинителството.

Јавниот обвинител за седуммина обвинети, меѓу кои и лицето недостапно на органите на прогонот побара продолжување на претходно определената мерка притвор. Едно лице од претходно е во притвор во постапка за друго кривично дело. За тројца пак на сила се определени мерки на претпазливост.

Обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.