Филипче најави масовна вакцинација и во Штип, Охрид, Куманово...

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Министерот за здравство, Венко Филипче, за периодот кој следува најави масовна вакцинација на повеќе локации низ државата, по теркот на вакцинацијата што сега се спроведува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Според него, со ова се планира значително да се интензивира процесот на имунизација во моментот кога ќе пристигнат поголемите количини на вакцини, во периодот кој следува.

„Во овој период којшто е пред нас ќе работиме очекувајќи ги кинеските вакцини кои ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинацијата. Најавени се и масовни вакцинации во градовите Куманово, Штип, Охрид, Тетово, Кавадарци, покривајќи соодветни региони околу овие Здравствени домови кои може овој процес да го изменаџираат со кадар“ рече Филипче.

Според министерот, до сега се кацинирале близу 30 илјади македонски граѓани.

Во однос на полицискиот час, министерот Филипче рече дека неговото продолжување и по 20 април зависи од развојот на ситуацијата со ковид-19 во државата.