Русија ги осуди санкциите на ЕУ за Иран среде „нуклеарни“ преговори

Сергеј Лавров и иранскиот претседаел Хасан Рохани на средба во Техеран (13 април 2021)

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва очекува иранскиот нуклеарен договор да преживее и ги осудува санкциите на Европската унија (ЕУ) против Иран, додавајќи дека тие можат да ги поткопаат чувствителните преговори.

„Очекуваме дека ќе биде можно да се зачува Заедничкиот сеопфатен план за акција“, рече Лавров по разговорите со неговиот ирански колега Мохамад Џавад во Техеран, зборувајќи за нуклеарниот договор од 2015 година, пренесува АФП.

„Разбравме дека нашите партнери во Техеран се подготвени веднаш да се придвижат во таа насока доколку Вашингтон, од своја страна, се придржува кон договорот“, додаде Лавров.

Рускиот дипломат ги критикуваше и неодамнешните санкции на ЕУ кон Иран, велејќи дека тие покренале „огромен број прашања“, додека разговорите се насочени кон обновување на договорот за ограничување на нуклеарните амбиции на Техеран.

Видете и ова: Иран го обвини Израел за нуклеарниот инцидент


Во понеделникот, на 12 март, ЕУ додаде осум ирански службеници за безбедност, вклучувајќи го и шефот на моќната револуционерна гарда, на списокот санкции за нивната улога во насилното сузбивање на протестите во Иран во ноември 2019 година. Одлуката за замрзнување на имотот и забраната на визите дојде во чувствително време кога Брисел посредува во Виена за заживување на нуклеарниот договор меѓу големите сили и Техеран.