Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека денеска ќе пристигнат 2.000 кинески вакцини на аеродромот во Софија, а возило од Македонија веќе е на пат кон Бугарија за да ги донесе вакцините.
„Денеска ќе пристигнат 2.000 кинески вакцини на аеродромот во Софија, а нашето возило е веќе на пат кон Бугарија за да ги донесе тие вакцини. Овие дози ќе бидат додадени на сегашниот систем за вакцинација. Хронично болните ќе се вакцинираат согласно возрасната група, а во секоја возрасна категорија над 50 години е огромна бројката на пациенти со хронични болести. Апелирам да има трпение, системот функционира“, рече Филипче.
Министерот соопшти дека е почната постапка во однос на цените за лекување на ковид-пациенти во приватните болници. Тој посочи дека до Владата е поднесен предлог за измена на Законот за здравствена заштита, со кој се предвидува ограничување на висината на наплата на финансиски средства за пациенти кои се лекуваат од коронавирус.
Видете и ова:
Стравот најголем противник на вакцинацијата
„Денеска на главниот координатор на кризен штаб се дискутираа повеќе работи. Се донесе одлука да се направи измена во Законот за здравствена заштита со кој на приватните болници ќе се направи ограничување на висината на наплата додека трае кризата, поточно за лекување на коронавирус. Го слушнавме апелот на граѓаните, и веќе утре на Владата ќе го поднесеме предлог-законот за здравствена заштита“, рече Филипче.
Министерот истакна дека досега 25.000 граѓани се вакцинирани против ковид-19, а како што рече, трендот на новозаразени во последните неколку дена опаѓа, а исто така се ослободуваат кревети во болниците, но додаде дека „будно се следи ситуацијата и дека сите треба да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита“.