ВМРО-ДПМНЕ прашува дали Трајче Заев избегал во Дубаи

Скопје- акција на македонската полиција за заплена на 200 килограни канабис,10.04.2021

ВМРО-ДПМНЕ денеска во партиско соопштение го обвинува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека цел ден молчел за акцијата на македонската полиција заедно со американската агенција ДЕА во која се заплени марихуана во вредност од околу 800 илјади евра, а шест лица се приведени. Од опозициската партија тврдат дека еден од приведени е Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев.

„Пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола. Патем оваа фирма се поврзува директно со фамилијата Заеви. Братучедите на Зоран Заев, Трајче и Вице. Оттука логично се поставува прашањето дали и кога братучедите на Заеви ќе бидат испитани за овој нарко криминал кој го прекина американската ДЕА? Исто така треба да одговорат дали Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев е во Македонија или избегал во Дубаи?“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Полицијата вчера соопшти дека во акцијата е запленета е 200 килограми марихуана, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.

Еден од приведените, велат од ВМРО-ДПМНЕ е командирот на прилепската полиција Кире Спиркоски кој наведуваат дека бил близок со министерот Спасовски.

Покрај претресите во нивните домови во кои се најдени пари, марихуана и оружје, од полицијата соопштија дека извршиле контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.