Ангелов ги бара пропустите и не поднесува оставка за случајот во Кратово

Спасувачка мисија во планинскиот кратовски крај

Претседателот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов денеска изјави дека се работи на расветлување на случајот со извлекувањето на завеан човек од кратовско Емирица. Тој порача и дека ги бараат пропустите и одговорноста. Според него, доколу се утврди вина кај некој од учесниците во целата постапка, ќе биде покрената дисциплинска постапка.

„Од Комисијата е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување. Тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе биде покрената дисциплинска постапка“, изјави Ангелов.

Тој додаде дека се бараат и одговори од сите надлежни институции за што веќе поднеле официјални барања до Министерството за здравство, МВР и Министерството за локална самоуправа.

Ангелов наведе и дека од страна на кратовската полиција е понудено до екипата на Брзата помош да бидат пратени неколку млади полицајци, кои би помогнале во извлекувањето на болното лице, но истите биле одбиени. Тој порача и дека оставката во оваа фаза би била еден вид дезертерство и затоа останува на функцијата, со цел целосна реформа на системот за управување со кризи.

Станува збор за случај од пред неколку дена во кој спасувачка екипа со часови во раце го носела завеаниот човек по непрооден неколку километарски терен, а институциите не покажале слух за помош, односно не набавиле возило за да им помогнат.