Бибер: Тие што ја блокираа Македонија не добија ништо од евтиниот национализам

Проф. д-р Флоријан Бибер

Оние што го блокираа стартот на преговорите на Северна Македонија со Европската унија (ЕУ), не добија ништо со својот национализам на изборите во Бугарија, вели луксембуршкиот универзитетски професор, историчар и експерт за Балканот, д-р Флоријан Бибер.

„Имајќи ги предвид резултатите од изборите во Бугарија, дали можеме да кажеме дека никој од оние кои решија да ја блокираат Северна Македонија за преговорите со ЕУ, не профитираше од овој евтин националистички обид? Време е да се продолжи понатаму“, оценува д-р Бибер во објавата на неговиот твитер налог.

Македонија од декември лани е со вето од Бугарија за старт на преговорите со ЕУ, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство, но и со барања Македонија да признае бугарски корени во националниот идентитет и јазик, што за Владата во Македонија е неприфатливо и е нешто за што, како што велат, „никогаш нема да се преговара.

Видете и ова: Бугарски избори- тешко до промена за македонското прашање

Инаку на парламентарните избори во Бугарија победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 25,8 отсто од гласовите, пред партијата Има таков народ на Слави Трифунов со 17,5 проценти и блокот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до 14,8 отсто.

Коалицискиот партнер на Борисов - Красимир Каракачанов и неговата ВМРО, не успеаја да влезат во бугарското Собрание.