Вакцини и шоумени
БУГАРИЈА - Централната изборна комисија во Бугарија денеска соопшти дека според обработени 87 проценти од гласачките ливчиња, коалицијата ГЕРБ-СДМ на Бојко Борисов има 26,07 проценти од гласовите на последните парламентарни избори. Втора по освоени гласови е партијата Има таков народ на Слави Трифонов, со 17,91 процент.
МАКЕДОНИЈА - Над половина од штипските тектилни работници односно 3500 работници од вкупно 70 конфекции од денеска се на колективен одмор. Оваа информација за МИА ја потврди претставникот на текстилниот кластер од Штип, Кирил Нашков. Тој посочи дека компаниите се одлучиле да ги испратат работниците на одмор, поради неизвесноста и недонесувањето на петтиот пакет на мерки, но и локдаунот во Европа, со што нивните партнери засега не склучуваат нови нарачки.
СРБИЈА - Српскиот институт Торлак од Белград денеска потпиша договор за трансфер на на технологија со рускиот фонд за директни инвестиции и руската фармацевтска компанија Генериум со кој Русија на Србија и пренесува податоци за процедури и технологии неопходни за производство на вакцина Спутник V, соопшти денеска министерот Ненад Поповиќ.
МАКЕДОНИЈА - Од утре стапува на сила полициски час од 20 часот до 5 часот, кој ќе трае до 20 април, бидејќи ситуацијата со коронавирусот, особено со британскиот сој, се влошува, а треба и да ги одмориме здравствените работници, кои деноноќно се во битката за спасување на животите на пациентите, информираше денеска премиерот Зоран Заев, најавувајќи ги новите рестриктивни мерки за справување со пандемијата со ковид-19.
ЦРНА ГОРА - Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ предложи смена на министерот за правда Владимир Лепосавиќ поради неговиот став за геноцидот во Сребреница. На вонредна прес-конференција, Кривокапиќ објави дека веќе испратил предлог за смена на Лепосавиќ до Парламентот на Црна Гора.
ЕУ / УКРАИНА - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, ја увери украинската влада за непоколеблива поддршка од ЕУ во, како што велат, конфликтот со сепаратистите на истокот од земјата, што е поддржан од Русија.
ИЗРАЕЛ - Израелскиот суд денеска го започна сослушувањето сведоци во судењето за корупција на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тој е првиот израелски премиер обвинет додека е на функција.
КОСОВО - Новоизбраната претседателка на Косово Вјоса Османи, изјави дека правдата нема да се постигне се додека Србија не одговара за злосторствата извршени во Косово.
МАКЕДОНИЈА - Масовното вакцинирање на населението против ковид-19 официјално почна денеска со Спутник В во спортскиот центар Борис Трајнковски во Скопје. Планирани се по 3000 термини дневно.
МАКЕДОНИЈА - Денеска почна демонтажата на една од галиите во реката Вардар во Скопје. Галиите се дел од проектот Скопје 2014.