Одлуките за привремено ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, грчката влада ги продолжи за уште две седмици, односно до 19 април 2021 година, а за транспортерите продолжено е работното време на граничниот премини Евзони (Богородица) кон Македонија.
Како што јави МИА од Атина конкретниот премин, ќе биде отворен од 7 до 23 часот по локално време, наместо до 19 како претходно. Македонските и грчките транспортери, од надлежните власти пак бараа, за нив да биде отворен 24 часа, поарди голема фреквенција на камиони.
Непроменета е одлуката за спроведување брзи тестови на Евзони (Богородица), за возачите на камиони и за оние за кои постои исклучок од забраните за патување кај јужниот сосед, а негативен резултат е предуслов за влез во Грција.
Новата министерската одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот синоќа беше објавена во Службен весник на Грција, а стапува во сила утре во 6 часот наутро.
Границите на Грција, повеќе од една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани по првиот карантин поради пандемијата во март.
14 мај, грчката Влада го одреди како можен термин за почеток на туристичката сезона, а за патување во Грција ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче, деновиве рече дека министерот за туризам на Грција Харис Теохарис го известил дека на 14 мај Грција планира да ги отвори граничните премини Евзони и Дојран и за македонските државјани, а премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи рекоа дека очекуваат следниот месец, границите да бидат отворени.