Парламентарни избори во Бугарија

Избирачките места од изутрината се отворени во Бугарија каде се одржуваат парламентарни избори до кои доаѓа по речиси една година од масовните протести против владата на премиерот Бојко Борисов.

Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, претпладнево го даде својот глас на парламентарните избори, гласајќи во Банки, во близина на Софија

Борисов коментираше дека ова се најскапите избори досега во Бугарија, зашто речиси 50 милиони лева беа наменети за набавка на вакцини, а 50 милиони лева за машинско гласање.

„Деветте илјади гласачки машини беа земени за бугарските граѓани да можат да гласаат на фер и транспарентни избори“, кажа Борисов.

Според него, парламентарните избори во Бугарија ќе чинат над 150 милиони лева.

Партијата на Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), е на власт една деценија во таа земја.

Според последните проучувања на јавното мислење во Бугарија, владејачката партија на премиерот Бојко Борисов – ГЕРБ ќе остане на врвот со околу 23 проценти од гласовите.

Тоа би било пад од 10 проценти во споредба со последните избори во 2017 година и најлош резултат на партијата од 2009 та година кога дојде на власт во таа земја.

Овие резултати од изборите во Бугарија , ќе ја принудат ГЕРБ да формира коалиција со различни партии за да го постигне мнозинството кое е потребно со цел Борисов да продолжи да биде премиер.

61 годишниот Борисов ја предводи бугарската политика откако ГЕРБ победи на изборите во 2009 година.

Но, основата за поддршка на партијата ослабна поради обвинувањата за корупција и начинот на кој Борисов се справи со пандемијата на коронавирусот. Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците минатото лето во знак на протест против корупцијата и наводната употреба на судството против ривалите на ГЕРБ.

Аналитичарите велат дека ГЕРБ можеби ќе се соочи со предизвик да состави мнозинска коалиција затоа што се очекува поразновидна група на партии да влезе во парламентот, а таквите случувања ГЕРБ ќе ја направат ослабена и ранлива.

Првите податоци за гласањето се очекуваат во 20 часот по локално време по завршувањето на изборниот ден во земјата.

Засега нема информации за кршење на изборниот процес во Бугарија

Османи: Од понеделник нова динамика на комуникација со Бугарија

Инаку Бугарските граѓани во Македонија денеска може да гласаат во нивните ДПК и во пет изборни центри во Скопје, во Штип, во Струмица, во Битола и во Охрид.

И по изборите во Бугарија декларацијата на бугарскиот парламент останува