Грозданова: Комплетна заштита од ковид-19 по две недели од втората доза на вакцината

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија. Илустрација.

Претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство, Александра Грозданова изјави дека по примање на вакцината против ковид-19 потребен е одреден временски период за лицата да бидат заштитени. Според неа, по најмалку две до три недели од првата доза ќе почнат да се создаваат антителата. Додека пак лицето е комплетно заштитено, две недели после втората доза.

Во однос на тоа колку време по прележан ковид може да се прими вакцината, Горзданова истакнува дека основен принцип е најмалку еден месец после болеста или по шест месеци, бидејќи тогаш се очекува лицето повеќе да нема антитела. На денешниот брифинг на Лекарската комора таа порача и дека процес на вакцинација ќе биде динамичен, отстапување ќе има, но како рамка ќе се држат по Националниот план и приоритетните групи за вакцинација.

„Очекуваме дека Ковид-19 ќе продолжи за жал и во оваа 2021 година, и мора да бидеме многу свесни дека маската, дистанцата, хигиената ќе бидат задолжителни. Почетокот на вакцинацијата нема веднаш да значи намалување на Ковид-19. Ризичните групи се извонредно приоритетно и високо препорачливи да се вацинираат, но вакцината не е задолжителна и се прима на доброволна база. Она што е важно сите вакцини се безбедни и ефикасни, а ризикот од несакани ефекти е неколкукратно, илјадници пати помал во однос на ризикот што ја носи болеста со ковид-19“, рече Грозданова.

Таа порача и дека вакцините ќе ја извојуваат најголемата здравствена победа во човековата историја. Професор докторАлександар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика порача дека најважниот параметар на перформансот на вакцините е успешноста да ја елиминираат шанса за смрт.

Во земјава вчера пристигнаа 20 илјади вакцини Спутник В, донација од Србија. Во средата започна масовната вакцинација на населението со вакцините на АстраЗенека обезбедени преку Ковакс механизмот. Од понеделник започнува и вакцинацијата на вработените во критичната државна инфраструктура.