Врховниот командант Пендаровски ја врати војската на границата

Илустрација - Македонски војници на македонско-грчката граница во близина на Гевгелија

Претседателот Стево Пендаровски, кој е и врховен командант на македонската армија, денеска донесе одлука за ангажирање на Армијата на границата.

„Врз основа на Одлуката на Владата за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на нашата држава и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на пандемија на Covid-19 и предлогот на Владата за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба, претседателот Стево Пендаровски донесе одлука за ангажирање на Армијата, која заедно со граничната полиција, ќе го врши обезбедувањето на јужната и северната граница“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Видете и ова: Собранието не ја продолжи кризната состојба, Армијата се повлекува од јужната и северната граница


Инаку Владата на последната седница донесе заклучок да го информира и да му предложи на претседателот одлука за учество на дел од припадниците на Армијата во справувањето со кризната состојба која е прогласена најмногу од 30 дена почнувајќи од четвртокот, 1-ви април.

„Владата му препорача на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со ситуацијата на подрачјата на јужната и северната граница, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите останати засегнати државни институции, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со кризната состојба“, соопштија од Владата.