Во Мјанмар убиени 43 деца од воениот удар

Мјанмар.

Најмалку 43 деца се убиени од воениот удар во Мјанмар кој се случи во февруари, објави организацијата „Спасете ги децата“ која наведува дека најмладата позната жртва имала само седум години, пренесува Би-Би-Си.

Локалната набљудувачка група наведува дека вкупниот број на загинати е 536 луѓе.

Претставникот на Обединетите нации во Мјанмар предупреди на ризик од „непосредно крвопролевање“, а предупредувањето следува по ескалацијата на борбите меѓу армијата и милициите на етничките малцинства во пограничните области.

Немирите во Мјанмар започнаа пред два месеци, кога војската ја презеде контролата врз земјата по изборите на кои победи партијата Националната лига за демократија (НЛД) на Аунг Сан Су Ки.

Кога десетици илјади луѓе излегоа на улиците низ целата земја во знак на протест против пучот, војската се обиде да ги растера со водени топови. По една недела, одговорот на војската ескалираше, а беа користени гумени куршуми и муниција. Досега најсмртоносниот ден од конфликтот беше саботата, кога беа убиени над 100 лица.

Очевидци велат дека припадници на вооружените сили напаѓале луѓе на улиците, а некои луѓе биле убиени дури и во нивните домови.