Собранието не ја продолжи кризната состојба, Армијата се повлекува од јужната и северната граница

Илустрација - Македонски војник на македонско-грчката граница

Имајќи предвид дека кризната состојба прогласена на јужната и северната граница, а поврзана со мигрантската криза, заврши синоќа на полноќ, а Собранието не донесе одлука за нејзино продолжување, престана да постои правниот основ за досегашниот ангажман на Армијата во обезбедувањето на државната граница. Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, му нареди на Началникот на Генералштабот, Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски да постапи согласно со новонастанатата ситуација.

Ова денеска е соопштено на интернет страницата на Претседателот на државата. Во соопштението се наведува дека „Армијата останува ангажирана на предвидените задачи поврзани со другата прогласена кризна состојба на целата територија на државата поради пандемијата предизвикана од Ковид-19“.

„Доколку Собранието донесе одлука за продолжување на кризната состојба поврзана со мигрантската криза на јужната и северната државна граница, врховниот командант на вооружените сили повторно ќе и нареди на Армијата да ги извршува досегашните задачи“, соопшти претседателскиот кабинет.