Седум активисти од Хонг Конг осудени за учество во протести

Илустрација - Фотографија од еден од протестите во Хонг Конг

Седум лица со продемократска ориентација беа прогласени за виновни пред судот во Хонг Конг за учество во неовластени протести во овој град во 2019 година. Меѓу нив се активистот Мартин Ли и медиумскиот магнат Џими Лај. Засега не е познато кога ќе им бидат изречени казните, објави германската новинска агенција ДПА.

Оваа судска одлука е дел од акцијата што кинеските власти од Пекинг ја преземаат против движењето за демократија. Во изминатите неколку месеци, особено од воведувањето на контроверзниот закон за национална безбедност во јуни минатата година, голем број истакнати активисти добија долги затворски казни за релативно полесни прекршоци.

Бројни активисти го напуштија Хонг Конг и се засолнија во други земји, стравувајќи од гонење.

Видете и ова: Бајден: Кина нема да стане водечка земја во светот

Кина ја донесе изборната реформа пред два дена, според која, гласачите ќе имаат помалку влијание врз составот на законодавните тела во Хонг Конг. Реформата практично го намалува влијанието на продемократскиот фронт во законодавството. Пекинг објави дека сака само со Хонг Конг да управуваат „патриоти“, односно политичари кои ја поддржуваат централната влада на Комунистичката партија.