Македонија влезе во проектот за природен гас „Александропули“

Потпишување Меморандум за приклучување на Македонија на проектот за природен гас Александропули

Македонија од денеска и официјално стана дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас и гасна централа во Александропули со што се очекува стабилно и континуирано снабдување со овој еколошки енергенс во земјава. Македонија ќе учествува со 25 проценти во гасната централа која ќе има капацитет од 800 мегавати, а проценетата инвестиција е повеќе од 380 милиони евра. Во гасниот терминал со должина од 17 километри и капацитет од 5,5 милијарди кубни метри, учеството на земјава е 10 проценти со вредност од околу 370 милиони евра. Планот е до 2023 година да бидат пуштени во употреба.

Меморандумите за соработка беа потпишани денеска во Скопје меѓу енергетските компании од Северна Македонија и Грција.

Заблагодарувајќи се на поддршката од САД за развивањето на новиот енергетски пазар, Заев посочи дека со приклучувањето кон овој енергетски проект, земјата повеќе нема да биде краен корисник на природен гас од само еден извор, туку ќе биде важна транзициска рута за природен гас во цела Југоисточна Европа.

Видете и ова: Владата усвои договор за изградба на гасен интерконектор со Грција


Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, ова е историски ден, а со оваа инвестиција се обезбедува резервирање на капацитети за сигурно и стабилно снабдување на земјата со гас, без ризици во следните 15 години.

Извршниот директор на „Копелузос Груп”, Христос Копелузос очекува дека за две и пол години од денес, Македонија да почне да добива енергија од сопствена гасна централа во Александропулос по многу компетитивни цени. Тој додаде: „Заедно ќе развиеме ултра модерна и максинално енергетски ефикасна централа, што ќе ја зголеми енергетската безбедност, ќе ја намали цената на струјата и ќе ја зголеми компетитивноста на бизнисот и граѓаните во вашата земја“.