МНР со протестна нота до Софија по видео-објава со територијални претензии на европратеникот Ангел Џамбаски

Eвропратеникот Ангел Џамбаски

Министерството за надворешни работи (МНР) денеска преку македонската амбасадата во Бугарија до бугарското Министерството за надворешни работи упати протестна нота во врска со објавена видео-снимка на пратеникот во Европскиот парламент од Бугарија и заменик-претседател на политичката партија ВМРО-Бугарско Национално Движење, Ангел Џамбаски.

Од МНР вечерва соопштија дека ќе известат и соодветно ќе реагираат до институциите во Европската унија.

Според Министерството за надворешни работи, ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји.

„Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивно на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, се вели во соопштението на МНР.

Заменик-претседателот на бугарската ВМРО-БНД Џамбаски во објава и видео-спот на Фејсбук со кадри од Скопје, Охрид и други локации од државава наведува дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сè“.

„Постојат причини кои се поголеми од сите и од што било. Од секоја политичка ситница. Поголем од која било злонамерна политичка тема. За мене, за нас од ВМРО – таква кауза е Македонија. Македонија на оние Бугари кои ја сакаат, кои ја наследија и кои никогаш не ја заборавија. На Бугарите кои живеат во Македонија. Македонија на оние Бугари кои ја изградија модерна Бугарија. Колку пострашно ја измислувате вашата нова лажна историја, толку погласно ќе се уриваат лажните темели на кои сте ја изградиле вашата жална сегашност. Колку похистерично ја мразите Софија, толку побугарски Охрид останува. Колку погласно ги врескате лагите, толку побрз и поужасен ќе ви биде крајот“, пишува Џамбаски во објавата на Фејсбук.