Расте бројот на хоспитализирани од ковид, 56 слободни места

Детската болница „Козле“ во Скопје, Ковид-19 центар

Во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 55 нови пациенти за 24 часа, со што вкупно во главниот град се лекуваат 657 заболени од Ковид-19, соопшти Министерството за здравство. На инфективните одделенија во земјава се лекуваат 887 пациенти, а вкупната бројка на хоспитализирани според податоците е 1.544 што е зголемување во однос на вчерашниот ден. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

„Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 56 слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, велат од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство наведуваат дека во Скопје во последното деноноќие се пуштени 22 пациенти на домашно лекување.

Изминативе денови Македонија е зафатена од силен бран на коронавирусот со зголемен број на инфекции и починати од Ковид-19.

Од среда се очекува да започне имунизација на населението, откако денеска пристигнаа 24.000 дози вакцини „Астра Зенека“ преку Ковакс механизмот.

Здравствените власти најавија дека до крајот на април ќе пристигнат дополнителни 76.000 дози вакцини против Ковид-19.