Државниот врв одбележува една година од членството во НАТО

Северна Македонија и НАТО.

Функционери на Северна Македонија денеска одбележуваат една година од членството на земјата во НАТО. Централната свеченост се одржува во касарната „Илинден“ во Скопје. За прославата беше организиран полет на авиони на грчкото воздухопловство, како и војничко дефиле на армиските батаљони и показни воени вежби на специјалните единици. На церемонијата присуствуваше државниот врв на Северна Македонија и делегација на НАТО.

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, изјави дека членството во НАТО е клучна и стратешка цел на земјата од осамосојувањето до денес.

„Со тоа ги заокруживме заложбите на повеќе парламентарни состави и влади и ја материјализиравме огромната поддршка што во континуитет ни ја даваше огромното мнозинство македонски граѓани“, рече Пендаровски.

Според министерката за одбрана Радмила Шекеринска членството на Северна Македонија во НАТО е „најголемо достигнување во нашата историја како независна држава.“

„Достигнување кое значи препознатливост во светот, стабилност и безбедност. Безбедност која нуди шанса за просперитет“, вели Шекеринска.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на граѓаните и на институциите им го честиташе членството во Алијансата. Тој рече дека сите минати влади и политички чинители и актуелните политички гарнитури, ја дале својата поддршка за земјата да стане 30-та членка на „најмоќниот воено-политички сојуз.“

„Ние сме подготвени за иднината – Северна Македонија во НАТО 2030“, напиша во честитката Џафери.

Од државниот врв на прославата присуствуваше и премиерот Зоран Заев, додека Делегацијата на НАТО ја предводеше командантот на Сојузничката команда на здружени сили на Алијансата во Неапол, адмирал Роберт Бурк.

Бурк рече дека земјата покажала храброст, одлучност и упорност.

„Целата Алијанса е посилна со вашето членство, сите сме посилни заедно“, изјави Бурк.

Инаку, деновиве и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека Македонија е високо ценета членка на НАТО која има значаен придонес во мисиите и операциите на Алијансата. Тој напомена дека македонските војници покажале, храброст, посветеност и професионалност во извршувањето на сите свои задачи.