Иран и Кина ќе потпишат билатерален договор

Илустративна фотографија.

Иран и Кина се очекува денеска да потпишат контроверзен 25-годишен билатерален договор.

Конечните детали за договорот не се откриени, но се очекува да вклучува кинески инвестиции во иранските енергетски и инфраструктурни сектори.

Кина е најголем трговски партнер на Иран и клучен пазар за извоз на иранската сурова нафта. Извозот на иранската нафта во моментов е сериозно ограничен од санкциите на САД.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде, денеска изјави дека пактот вклучува „политички, стратешки и економски“ компоненти.

Хатибзаде изјави дека договорот ќе биде потпишан со посета на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој пристигна во Техеран доцна на 26 март.

Иранските власти соопштија дека пактот бил предложен од страна на кинескиот претседател Си Џинпинг во јануари 2016 година, кога допатува во посета на Иран.

Иранците ги обвинија официјалните лица дека кријат детали за идниот договор, заради стравувањата дека Техеран може да му даде премногу на Пекинг.

Иран во последните неколку години сè повеќе ѝ се обраќаше на Кина во услови на растечкиот притисок на САД да го изолира Техеран.

САД во 2018 година еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор потпишан меѓу Техеран и светските сили.

Повлекувањето го направи поранешниот претседател Доналд Трамп кој водеше политика на „максимален притисок“ врз Техеран околу неговите нуклеарни и ракетни програми.

Договорот требаше да обезбеди ослободување на Иран од меѓународните санкции во замена за ограничувања на неговата нуклеарна програма, што според Иран е строго за цивилни енергетски цели.

Претседателот на САД, Џо Бајден, сигнализираше подготвеност да го заживее договорот.