Вакцината на АстраЗенека е ефикасна 76 проценти

Вакцината на АстраЗенека

АстраЗенека ја ажурираше стапката на ефикасност на вакцините на 76 проценти, додека лидерите на ЕУ се подготвуваат да бараат решенија за стратегија за пандемијата на денешниот самит на кој американскиот претседател Џо Бајден ќе биде виртуелен гостин.

АстраЗенека соопшти дека извршила пресметка на податоците од американско истражување и заклучила дека вакцината е 76 проценти ефикасна во спречување на симптоматскиот ковид- 19. Податоците што ги објави претходно фирмата беа дека вакцините се ефективни 79 проценти.

АстраЗенека соопшти дека планира да побара овластување за употреба на вакцината во итни случаи во САД во следните недели. Исто така, повтори дека вакцината, што ја разви со Универзитетот во Оксфорд, е 100 посто ефикасна против тешки или критични форми на болеста. Исто така, фирмата рече дека вакцината покажала 85 процентна ефикасност кај возрасни на 65 години и постари.

Вакцината АстраЗенека се смета за клучна во справувањето со ширењето на ковид-19 низ целиот свет, бидејќи е поевтина и полесна за транспорт отколку другите вакцини.


Вакцината се соочи со проблеми на почетокот на овој месец кога повеќе од десетина земји привремено ја суспендираа откако извештаите ја поврзаа со ретко нарушување на коагулацијата на крвта кај мал број луѓе. Со некои исклучоци, суспензиите беа укинати откако регулаторот за лекови на ЕУ соопшти дека вакцината е безбедна.