Инцидент на седницата на црногорското Собрание, полиција пред Парламентот

Полициски сили го обезбедуваат локалниот Парламент во Цетиње каде се одржува парламентарната седница

Силни полициски сили ја обезбедуваат зградата на локалниот Парламент во Цетиње, каде се одржува седницата на Парламентот на Црна Гора, на чиј дневен ред е првиот “премиерски час“, по промената на владата во Црна Гора. Патем, првата пролетна сесија на Парламентот на Црна Гора обично се одржува во Цетиње.

На самиот почеток на седницата имаше инцидент во салата откако пратеникот на опозициската Либерална партија, Андрија Поповиќ, го фрли деловникот, револтиран што претседателот на Собранието, Алекса Бешиќ, не му дозволи да покрене иницијатива дискусија за состојбата во Цетиње. По инцидентот, пратеникот Поповиќ ја напушти салата.

Сите улици околу зградата каде се одржува седницата се блокирани со метални огради и полициски возила, а полицијата создаде коридор низ кој минуваа заменици-министри, премиерот и министрите. Како што пристигнуваа службените лица, околу двесте граѓани се собраа на една од оградите и скандираа „Ова не е наша влада“, „Предавство“. Граѓаните исто така им свиркаа и на опозициските пратеници од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ.

Денешните протести во Цетиње не се први против новата влада формирана откако три-члена коалиција на просрпскиот Демократски фронт, демократите и граѓанското движење УРА победи на изборите на 30 август минатата година. Така, тридецениското владеење на ДПС беше соборено.