Штрик: Не гледаме деструкција од Македонија, туку загадувачки процес од Бугарија

Илустрација

Ние навистина не гледаме деструктивност од страната на Северна Македонија, туку повеќе гледаме еден вид на загадувачки процес од страна на бугарските власти, вели холандската европратеничка од редовите на Пратеничката група на Зелените, Тинеке Штрик за „ЕУ Обсервер“, пренесе новинската агенција МИА.

Таа додава дека „бугарските барања кон Северна Македонија за идентитетските прашања немаат никаква врска со критериумите за зачленување во Европската унија (ЕУ). Според Штрик, бугарската блокада на Северна Македонија претставува ризик за нарушување на кредибилитетот на ЕУ како во земјава, така и регионот.

Штрик вели дека Македонија треба да има европска перспектива и дека ЕУ траба да ѝ ја даде таа перспектива, и додава дека „Северна Македонија потрошила децении на решавање на спорот за името со Грција, по што во 2018 двете држави го постигнаа Договорот од Преспа, со што се расчисти патот за старт на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ“, пренесе МИА.

Европскиот парламент денеска ја почна седницата на која треба да се изјасни за Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија. Завчера неколкумина европратеници поднеосоа Амандман на текстот во кој се бара „бугарските власти да престанат со провокативни изјави кон Северна Македонија и во исто време се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на Северна Македонија на нападите од страна на Бугарија“.

Видете и ова: ВМРО-БНД и ГЕРБ со реакции за амандманот за Македонија во ЕП

Овој амандман во Бугарија предизвика жестока полемика и повици до бугарските европратеници да гласаат против него во Европарламентот.

Македонија од лани во декември е со вето од Бугарија за преговарачката рамка со ЕУ, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство. Паралелно, од Софија постојано се слушаат барања Македонија да признае бугарски корени во својот национален идентитет и јазик. Тоа е отфрлено од македонската Влада како нешто за што Македонија ниту преговарала, ниту ќе преговара.