Владејачките партии во обид да го деблокираат Собранието

Зоран Заев и Али Ахмети

Премиерот Зоран Заев најави дека денеска пред седницата за пратенички прашања ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да се разгледаат одредени можности што стојат на располагање за деблокирање на Парламентот.

Владејачкото мнозинство во Собранието во моментот има 62-јца пратеници, а двајца од нив беа позитивни на Ковид-19. Поради тоа мнозинството не може да обезбеди кворум за работа и да се гласа за одредени закони, доколку опозицијата не присуствува на седниците. Дополнително, пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива со над 32.000 амандмани блокираат 20 закони, меѓу кои и одлуката за продолжување на кризната состојба со околу 400 амандмани, поради неподдршката за нивниот Закон за државјанства.

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара посебна седница за антикризните закони и одлуката за продолжување на кризната состојба на северната и јужната граница, но тоа за претседателот на Собранието Џафери е неприфатливо и тој остана на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање. Пред седницата за пратенички прашања денеска Џафери треба да одржи брифинг со новинарите, на кој можеби ќе соопшти нови информации во врска со можноста за деблокада на Собранието.

Премиерот Зоран Заев вчера од Велес изрази надеж дека блокадата на Парламентот е од привремен карактер поради позитивни пратеници на Ковид-19, по чие враќање ќе се стави во функција Собранието за поголем дел од точките на дневен ред и поважните закони.