ИЈЗ: Минатата недела најмногу новозаразени има кај возрасната група од 10 до 19 години

Илустрација - Граѓанин со заштитна маска

Во периодот од 15 до 21 март 2021, тестирани се вкупно 24.517 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на ковид-19, со зголемување од 8,4% во однос на минатата недела, покажува најновиот неделн извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

„Регистрирани сe 6.899 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 26,4% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино, заедно со Демир Капија. Процентот на позитивност се движи од 23,4 до 32,3%, просечно 27,9%, 3% повеќе во споредба со минатата недела“, се наведува во извештајот на ИЈЗ, објавен денеска.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, а голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39. Најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај возрасните групи од 10-19 (33,1%), 50-59 (32,1%) и 40-49 (30,2%).

Видете и ова: Се што треба да знаете за ковид вакцинацијата


„Со статус „оздравени“ се стекнале 3.343 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 22,1% во споредба со минатата недела“, покажува извештајот на ИЈЗ.

Пријавени се 158 смртни случаи од 27 градови, 22,5% повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лицa биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од возрасната група 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години. Заклучно со 22 март 2021, вкупно се вакцинирани 6.704 здравствени работници со прва доза (4.002 – Фајзер и 2.702 – Спутник В) и 2.572 (Фајзер) со втора доза на вакцина против ковид-19.