ЕУ воведе санкции за Русија, Кина и за Мјанмар

Илустрација

Министрите за надворешни работи на Европската унија (ЕУ) денеска во Брисел одобрија санкции против официјални лица во Кина, Мјанмар и Русија, за кршење на човековите права.

Четворица кинески официјални лица и еден државен субјект се наоѓаат на црната листа поради насилството врз малцинството Ујгури, откако амбасадорите дадоа зелено светло минатата недела. Тоа е многу важен симболичен потег, бидејќи Брисел воведе санкции за Кина за прв пат поради кршење на човековите права, откако воведе ембарго за оружје во 1989 година, по задушувањето на демонстрациите на плоштадот Тјенанмен, пренесува Франс прес.

Кинеското Министерство за надворешни работи предупреди дека „силно ќе реагира“ на какви било активности на официјален Пекинг во западниот регион Ксинџијанг.

Мерките се дел од пакетот санкции за кршење на човековите права насочени кон десетина лица, во кој има и поединци во Русија, Северна Кореја, Еритреја, Јужен Судан и Либија, соопштија дипломатите.

„Ова е многу важен чекор што покажува колку сме посветени“, рече словачкиот министер за надворешни работи, Иван Корчок.

Механизмот, дизајниран да ѝ олесни на Европската унија да ги казнува оние што ги кршат човековите права, беше воведен овој месец со санкции против четворица руски официјални лица поради затворањето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални. Дипломатите изјавија дека последните санкции против Русија ќе бидат насочени кон лицата кои стојат зад злоупотребите во Чеченија, со која владее лојалистот на Кремљ, Рамзан Кадиров, со железна тупаница.

ЕУ исто така ќе замрзне средства и ќе забрани визи за 11 претставници на хунтата во Мјанмар поради воениот удар минатиот месец и репресијата врз демонстрантите.

„Ова ниво на насилство е неприфатливо. Поради тоа, нема да можеме да избегнеме воведување санкции“, рече германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

Мјанмар е во немири откако војската го симна цивилниот лидер Аунг Сан Су Ки на 1 февруари, што предизвика масовен бунт, кој безбедносните сили се обидоа да го задушат со кампања на насилство и страв. Дипломатите изјавија дека санкциите поврзани со војската најверојатно ќе бидат изречени во следните неколку недели.