До денеска 121.520 попишани во странство, ВМРО-ДПМНЕ бара стопирање

Илустрација - Архивска фотографија од акцијата за собирање на потписи против Законот за попис иницирана од ВМРО-ДПМНЕ

Државниот завод за статистика до денескао до 8 часот евидентирал 121.520 лица од дијаспората што се самопопишале преку веб-апликацијата. Лицата кои живеат надвор од земјава ќе можат да се самопопишат преку веб-апликацијата во било кое време во периодот до 21 април. Во меѓувреме, продолжуваат подготовките за реализација на пописот што ќе се одржи во земјава од 1 до 21 април. Државниот завод за статистика го објави списокот на пријавени кандидати од третиот конкурс за реонски попишувачи низ општините.

Пописот во земјава почна на 1 март за дијаспората, која што се самопопишува преку веб-апликацијата. Во првичната фаза исто така се попишуваа дипломатите и нивните семејства кои живеат надвор од земјата, лицата во казнено-поправните установи и во воспитно-поправните установи, припадниците на Армијата на РСМ и бездомните лица. Другите граѓани што не спаѓаат во овие категории од населението ќе треба да се попишат во периодот од 1 до 21 април.

Видете и ова: Владата тврди дека пописот ќе биде безбеден, опозицијата бара одложување

Додека власта уверува дека се подготвени протоколи за безбеден попис, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара негово одложување поради, како што велат, „опасноста по здравјето на граѓаните поради пандемијата“.

„Продолжен полициски час, кризна состојба, ама Зоран Заев решил дека мора да го исполни меѓупартискиот договор и да се одржи попис. Заев не се откажува од попис и по цена да се реализираат проценките дека во тој период на спроведување на пописот би имало околу 2400 починати и околу 50 илјади заболени“, се наведува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.