Трамп прави сопствена социјална мрежа

Доналд Трамп

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, чии профили на Фејсбук, Твитер и другите социјални мрежи се суспендирани поради насилството во Капитол Хил на 6 јануари, планира да ја формира својата платформа во следните два до три месеци, изјави еден од неговите советници Џејсон Милер.

„Мислам дека ќе го видиме претседателот Трамп повторно на социјалните мрежи за веројатно два до три месеци, со своја платформа“, изјави Милер за „Фокс њуз“.

Милер рече дека платформата ќе биде голема и дека треба да привлече милиони корисници. Тој додаде дека „социјалната мрежа на Трамп целосно ќе ги редефинира правилата на играта“, но не даде детали. Организацијата на Трамп не одговори ниту на барање за коментар.

Твитер претходно објави дека ќе побара од јавноста да се изјасни како и кога да се забрани пристапот до мрежата на светските лидери, како и да се разгледа дали за нив треба да важат истите правила како и за другите корисници.