Државниот секретар на САД, Блинкен во Брисел на средби со лидерите на НАТО и ЕУ

Ентони Блинкен

Американскиот Државен секретар Ентони Блинкен денеска ќе отпатува за Брисел, каде што ќе се сретне со лидерите на НАТО и ЕУ, како дел од напорите на претседателот Џо Бајден да ги обнови трансатлантските врски.

Блинкен утре и в среда ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО и ќе се консултира со сојузниците и со Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, соопшти Стејт Департментот.

Меѓу темите на агендата се загриженоста поради Кина и Русија, како и улогата на НАТО во Авганистан, сајбер- безбедноста, борбата против тероризмот, климатските промени, енергетската безбедност и други заеднички предизвици, се вели во соопштението.

За време на престојот во Брисел, Блинкен исто така ќе се состане со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, со кои ќе разговара за борбата против пандемијата на Ковид-19, климатските промени и како да се зајакне демократијата.