ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се нарекува демократска партија, а на изборите се гласа за еден кандидат

СЕдиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека со денешните внатрепартиски избори во СДСМ севернокорејската демократија, како што наведува опозициската парија, се повеќе и повеќе продира во Македонија.

„Никој во СДСМ не смееше да се спротивстави на единствениот кандидат на изборите, Зоран Заев. Затоа 69-те илјади гласачи на СДСМ денес на гласачкото ливче имаат едно име кое мора да го заокружат. Ако не го заокружат, веројатно им следи службена белешка од партиското обвинителство и суд и престој на современиот Голи Оток. Како во најдобрите времиња на комунизмот и тоталитаризмот, партијата која се нарекува демократска одржува избори на кои се гласа за само еден кандидат. Онака како што СДСМ ја гледа демократијата во својата партија, така ја гледа и во државата. Затоа не ја води Македонија кон ЕУ, туку ја води кон Северна Кореја“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, по ист принцип Зоран Заев ја води и Владата. Како симбол на обидот за воведување севернокорејска диктатура во Македонија, како што истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ, пред Владата оставија уметничко дело наречено „Споменик на лудилото“, кое треба да ги потсети и сите кои денес го гласаат единствениот кандидат, но и сите кои некогаш му верувале на овој човек, за каков човек се работи и какви вредности промовира и пропагира.

Од Централната изборна комисија на СДСМ информираа дека од активно регистрираните 68.999 запишани членови во избирачкиот список до 12 часот своето право го искористиле и гласале 32.198 членови на партијата. Излезноста е 46 отсто. Заев е единствениот кандидат за лидер на партијата, а се гласа „за“ или „против“ негов избор.