Лекари и медицински сестри протестираа во центарот на Мјанмар познат и како Бурма по уште една смртоносна акција против демонстрантите. Мјанмар е во немири од минатомесечниот воен удар со кој беше соборена цивилната лидерка Аунг Сан Су Чи, по што започнаа протести низ целата земја на кои се бара враќање на демократијата во земјата. Безбедносните сили се обидоа да ги растераат демонстрантите користејќи солзавец и гумени куршуми.
Насилството не успеа да одврати стотици лекари и медицински сестри кои носеа транспаренти со Су Чи, додека маршираа низ Мандалај, вториот по големина град и културен главен град на Мјанмар. Мандалај е сцена на најтешкото насилство од страна на безбедносните сили од пучот на 1 февруари и локалните медиуми соопштија дека протестот бил организиран рано изутрината за да се избегнат безбедносните сили.
Протестот се случи еден ден откако локалната група за набљудување го потврди убиството на четворица демонстранти од страна на безбедносните сили низ целата земја. Двајца од смртните случаи биле во комерцијалниот главен град Рангун, според Асоцијацијата за помош на политички затвореници.
Демонстрантите ги повикуваа Обединетите нации да интервенираат за запирање на насилството во Мјанмар. Скоро 250 смртни случаи се потврдени за неколку недели по пучот, според асоцијацијата, иако реалниот биланс може да биде поголем, а уапсени се повеќе од 2.300 лица.
Меѓународната осуда од Соединетите држави, Европската унија и Обединетите нации досега не успеа да го запре крвопролевањето. Министрите за надворешни работи на ЕУ се очекува да одобрат санкции против 11 претставници на хунтата на состанокот на 22 март.