Внатрепартиски избори во СДСМ, Заев единствен кандидат

Седиштето на СДСМ во Скопје

Членовите на СДСМ денеска ќе избираат претседател на партијата на први директни, внатрепартиски избори. Единствен кандидат е актулениот премиер и прв човек на партијата Зоран Заев.

Изборите се спроведуваат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои се отворени од 08 до 19 часот. Пријавени за гласање се 68.999 членови на партијата. Резултатот ќе биде соопштен по завршување на процесот на гласањето, информираа од партијата.

Од СДСМ наведуваат дека изборите, претставуваат постулат на демократските вредности, каде првпат во историјата на државата, самите членови на партијата ќе го бираат својот претседател.

„Ова е нова, додадена вредност, нов стандард на македонската политичка сцена, поставен од најдемократската, најпрогресивната и најмодерната партија- СДСМ“, велат оттаму.

Заев претставувајќи ја својата програма го повика членството да гласа за новата политика на СДСМ која ќе значи реформа на досегашната кадровска понуда на партијата. Во однос на тоа дали се запазени стандардите имајќи предвид дека тој е единствен кандидат, Заев рече дека Централната изборна комисија и органите на партијата овозможиле да се гласа „за“ и „против“.