Американскиот министер за одбрана Лојд Остин и неговиот индиски колега Рајнат Синг разговарале за начините за зајакнување на билатералните воени врски за време на нивната средба во Њу Делхи. Дводневната посета на Индија на Остин е прва од врвниот член на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Вашингтон бара поблиски врски со сојузниците во регионот за да се спротивстави на наметливоста на Кина. Посетата доаѓа по завршувањето на вчерашните разговори во Алјаска меѓу највисоките американски и кинески официјални лица, кои висок официјален претставник на Вашингтон ги опиша како „тешки и директни“.
Пред Индија, Остин и државниот секретар на САД, Антони Блинкен, ги посетија Јапонија и Јужна Кореја, уште двајца важни партнери во регионот. Тоа следеше по првиот самит на лидерите на Квад, четири-насочен сојуз кој го сочинуваат САД, Јапонија, Австралија и Индија. Остин во Индија разговараше и со премиерот Нарендра Моди и советникот за национална безбедност Аџит Довал.
„Остин ја пофали лидерската улога на Индија во Индо-Пацификот и растечкиот ангажман со истомисленици во целиот регион за промовирање на заеднички цели. Двете страни ја потврдија својата посветеност за унапредување на слободен и отворен регионален поредок. Двете страни разменија перспективи за заедничките предизвици со кои се соочува регионот и се обврзаа натамошно зајакнување на нивната широка и робусна одбранбена соработка“, рече портпаролот на Пентагон Џон Кирби.
Исто така, не споменувајќи ја Кина директно, Моди објави на Твитер дека „Индија и САД се посветени на нашето стратешко партнерство што е сила за глобалното добро“.