Вулкан на полуостровот Реикјанес во југозападен Исланд се активирал синоќа во 20 часот и 45 минути по Гринич во Гелдингадалур, близу до планината Фаградалс. Сликите објавени на интернет и фотографирани од главниот град Рејкјавик, на околу 40 километри од ерупцијата, покажуваат црвен сјај на ноќното небо.
Меѓународниот аеродром во Исланд е оддалечен само неколку километри до вуклан, но областа е ненаселена и не се очекува ерупцијата да претставува опасност.
„Ерупцијата се смета за мала во оваа фаза“, соопшти исландскиот метеоролошки завод, додавајќи дека еруптивната пукнатина е долга околу 500 метри и лавата опфаќа околу еден квадратен километар или скоро 200 фудбалски игралишта.
Исланд се подготвуваше за вулканска ерупција, по повеќе од 40.000 мали земјотреси во последните три недели. Ерупцијата се случи во вулканскиот систем Крисувик, кој нема централен вулкан и кој, според исландскиот метеоролошки завод, е неактивен во изминатите 900 години.