Компанијата „Фајзер“ има дополнителни барања од државата, едно од нив се однесува на обесштетување за евентуално несакани ефекти од вакцината, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Тука има некои специфични барања, интензивно разговараме и во текот на изминативе два дена и денеска. Утрово ги чекаме повратните информации од „Фајзер“. И самите се свесни и укажаа дека навистина долго време траат овие разговори со нив и јас верувам дека конечно ќе се финализираат“, изјави Филипче.
Тој додаде дека „ние од наша страна го потпишавме договорот и го вративме, меѓутоа се уште не е вратен назад“, вели Филипче, пренесува МИА.
Македонија досега доби мал број на вакцини со кои започна имунизацијата на здравствените работници. Земјава доби вакцини „Фајзер“ од Србија и 3.000 вакцини од рускиот производител „Спутник В“. За бавниот процес на вакцинација има бројни критики во јавноста.
Филипче вели дека на 30 декември компанијата Фајзер потврдила дека земјава ги исполнува условите за да се потпише договор за вакцини и дека оттогаш траат разговори „коишто бараат одредени измени.“
Филипче исто така рече дека „буквално“ секоја вакцина која е сега присутна или која допрва ќе влегува во земјава, е безбедна за користење. Тој додаде дека не може во моментов да каже со која вакцина ќе почне масовната имунизација во Македонија.
„Тоа што сигурно го знаеме дека дефинитивно прва вакцина која што ќе стигне преку ковакс-механизмот е на „Астра Зенека“, доколку не стигнат кинеските вакцини претходно, тоа ќе биде „Астра Зенека“, рече Филипче.
Во изминатиов период зголемен е бројот на заболени од Ковид-19. Филипче рече дека следни чекори би биле зголемување на полицискиот час и скратувањето на работата на угостителските објекти.
Поради зголемениот број на новозаразени од коронавирусот владата на 9 март ја донесе мерката за воведување на полициски час од 22 до 5 часот наутро, по предлог на Комисијата за заразни болести.
Филипче вели дека на почетокот на следната недела ќе прават нова проценка на ссотојбата, но посочи дека смета оти ќе има резултати од полицискиот час.