Од Камчев и Рашковски до Путин и Бајден

ШПАНИЈА - Членовите на шпанскиот парламент ја легализираа евтаназијата како помош за самоубиство на лица со сериозни и неизлечиви болести кои сакаат да стават крај на својот живот. Со оваа одлука Шпанија стана четвртата земја членка на ЕУ што го презема овој чекор.

ШВАЈЦАРИЈА - Од Светската здравствена организација (СЗО) изразиле голема загриженост за ситуацијата на Балканот и бројот на смртните случаи поради ковид-19 во централниот дел од Европа, пренесува агенцијата АФП. СЗО забележале дека ситуацијата на Балканот е сериозна, загрижувачка и тешка за справување со постоечките здравствени системи во засегнатите држави.

БУГАРИЈА - Во пресрет на предизборната кампања во Бугарија, сигурно е дека пет партии ќе учествуваат во работата на следниот бугарски Парламент и засега две имаат вистински шанси за тоа, покажа најновото социолошко истражување на Тренд, нарачано од софискиот дневен весник 24 часа.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни.

ЕУ - Извршната директорка на Европската медицинска агенција (ЕМА), Емер Кук соопшти дека вакцината на АстраЗенека е безбедна и ефикасна. Кук соопшти дека комитетот донел одлука дека придобивките ги надминуваат сите можни ризици.

МАКЕДОНИЈА - Иницијативниот одбор за свикување на Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ го одложи конгресот закажан за 28 март во Скопје. Како што соопштуваат од Оборот, ваквата одлука е донесена заради влошената епидемиолошка состојба и доцнењето со техничките подготовки.

ЕРМЕНИЈА - Ерменскиот премиер Никол Пашинијан рече дека предвремените општи избори ќе се одржат на 20 јуни, откако денеска разговараше со Гагик Царукијан, лидерот на опозициската парламентарна фракција Просперитетна Ерменија.

МАКЕДОНИЈА - Бизнисменот Орце Камчев, кој е во притвор и денеска беше спроведен од затворот во Шуто Оризари за да сведочи во предметот Меѓународен сојуз, побара да биде изземен како сведок од овој предмет. Барањето е одбиено.

РУСИЈА / САД - Русија бара извинување од Америка откако претседателот Џо Бајден изјави оти смета дека рускиот лидер Владимир Путин е убиец, изјави денеска (18 март) заменик-претседателот на Горниот дом на рускиот парламент Константин Косачов.

САД - САД ги проширија рестрикциите спрема руски експерти кои беа воведени неодамна како казна за труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални. Американското министерство за трговија соопшти дека новите мерки, кои стапуваат во сила денеска, ќе спречат продавање на Русија на повеќе предмети кои се контролирани заради националната безбедност. Таквите ставки ќе вклучуваат технологија, софтвер и делови.

ЦРНА ГОРА - Црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ побара помош од Европската унија за отплата на кредитот што Црна Гора го зеде од кинеска банка за изградба на првиот дел од автопатот Бар-Болјари.