Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека до крајот на март се очекуваат следните вакцини, со кои ќе бидат опфатени следните групи на граѓани, а кои се согласно планот за имунизација на населението.
"Ги очекуваме кинеските вакцини можно е да стигнат, лично се надевам дека дополнително ќе ни помогне кинеската Амбасада и нашите врски со Кина, за да може тие 200000 вакцини, кои се нарачани, потпишани протоколи да стигнат до крајот на месецот. Затоа што го чекаме и во посета кинескиот министер за одбрана, па би било сходно да направат дополнителни напори да стигнат вакцините од Кина", изјави Заев од Богданци.
Toj дополни дека рускиот Амбасадор и министерот за здравство, Венко Филипче се целосно посветени за обезбедување на следните количини на руската вакцина „Спутник В“.
Во врска со нарачаните вакцини од ЕУ, Заев кажа дека добиле насоки да се направат промени во Законот за обезбедување на гарантен фонд во земјава, за евентуални последици од вакцините за да може да се забрза постапката и од ЕУ.
Зголемен број заболени од Ковид 19, мерките исти
За набавките на вакцините министерот за здравство Венко Филипче пак денеска рече дека тие можат временски да бидат „одолговлечени“, но оти масовната вакцинација би започнала во април.
„Очекуваме да профункционира КОВАКС системот преку којшто би стигнале околу 100.000 вакцини. Во тој временски период интензивно разговараме и со кинеските и со руските претставници за вакцини, ги чекаме и нивните најави. Се уште го немаме точниот датум, но имаме причина да веруваме дека тоа ќе биде некаде до првата недела во април“, рече Филипче.