По пожарот во зграда во Гостивар, во кој загина 7-годишно дете, на кое за време на пожарот му биле врзани нозете со синџир, Министерството за труд и социјална политика соопшти денеска дека Центарот за социјална работа – Гостивар во соработка со СОС Детско село, обезбедил соодветно сместување и услови за живот за останатите три деца, чиј дом изгоре.
„Стручните лица од Центарот за социјална работа – Гостивар се во постојан контакт со децата од ова семејство. Обезбедена им е целосна психосоцијална помош и поддршка. Од разговорите на стручните лица кои што се постојано со децата, утврдено е дека врз децата нема траги од било каков вид на насилство и истите се во добра психо-физичка состојба“, Соопшти Министерството.
Констатирано е дека едно од децата редовно посетувало училиште, а останатите се во предучилишна возраст. ЦСР Гостивар во соработка со ЦСР Ресен работат на прибирање на потребните податоци со цел обезбедување на документи за лична идентификација на две од децата.
Мајката на детето, кое врзано со синџир, загина во вчерашниот пожар е во полициска станица и во текот на денот треба да биде изведена пред судија на предходна постапка. Таа се сомничи за кривично дело „повреда на семејни обврски“ според член 203 став 2 од Кривичниот закон.