Локални избори во Никшиќ

илустрација, избори во Никшиќ, Црна Гора

Граѓаните на Никшиќ, вториот по големина град во Црна Гора, денеска избираат локална власт. За 41 претставник во локалниот Парламент ќе се гласа на 138 избирачки места, од 7 до 20 часот. Министерството за внатрешни работи соопшти дека право на глас имаат 58.833 лица. Првите прелиминарни резултати се очекуваат по 21 часот.

Во изборната трка има четири коалиции и две политички партии. Изборната кампања беше обележана со повремени инциденти, остра политичка реторика и фактот дека политичките партии и коалициите им дадоа на овие избори поголемо значење од вообичаените избори за локална самоуправа.
Локалните избори во Никшиќ се првиот тест за силата на политичките партии и коалициите по парламентарните избори одржани во август 2020 година, кога дојде до промена на власта на државно ниво.

Црногорската ДИК објави конечни резултати: Ѓукановиќ со најмногу пратеници

Поради зголемените предизборни тензии, полицијата го засили своето присуство во Никшиќ, а државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Раде Милошевиќ, оцени дека „состојбата во градот е од умерен до висок ризик“.

Изборите во Никшиќ се одржуваат во амбиент на висок епидемиолошки ризик. Во градот има повеќе од 1.300 заразени со вирусот корона, што одговара на стапка од 1.754 заболени на 100.000 жители.