За десет дена се попишале околу 50 илјади граѓани од дијаспората

илустрација

Околу 50 илјади граѓани од дијаспората се самопопишани во првите десет дена од пописот, соопшти денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во видео-обраќање објавено на неговиот Фејсбук профил.

Тој вели дека Министерството за надворешни работи е посебно ангажирано во овој процес и има отворено посебни телефонски линии опремени со најсовремените дигитални алатки ватсап/вајбер за да може граѓаните од која било точка на планетава да се обратат. Османи нагласи дека апликацијата функционира едноставно, а амбасадите низ целиот свет се ангажирани да направат акциски планови за да можат да стигнат до секој граѓанин.

„Во Рим имавме исклучително добри посети. Се сретнавме со наши граѓани и со здруженија на граѓани. Луѓето се посебно заинтересирани за пописот, но и воопшто за враќање на врските во земјата. Следната недела заминуваме за Берн и Шпанија. Затоа е важно да им обезбедиме на луѓето информации, да ги слушаме, да бидеме трпеливи. Луѓето ќе го ценат тоа, а и целиот овој процес е важен за сите нас“, истакна министерот за надворешни работи.

Мицкоски со писмо до амбасадорите бара помош за одложување на пописот

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе започне на 1 април.