Шеќеринска со опомена до Ковачки, тој тврди дека таа манипулира

Радмила Шекеринска, министер за одбрана

„Навистина е срамно кога офицер во една армија може да си дозволи да испраќа пораки со закана до кој било, а камоли на началник на Генералштабот, првиот човек во Армијата, особено кога тие закани го претставуваат Ковачки со вистинската слика, како партиски војник. Да пишете, „долга е раката на ВМРО“ од еден старешина на друг старешина, би било срамно дури и на пониско ниво, а камоли од еден полковник на еден генерал и началник“, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со дисциплинската мерка која е преземена против него.

Шекеринска, која денеска изврши обиколка на реновираниот објект на армиската Гарда и на Баталјонот за поддршка на Генералштабот и гарнизонот Скопје во касарната „Илинден“ додаде дека полковникот Ковачки има проблем да разбере и да реши дали ќе ја носи партиската униформа со која што дава закани или ќе продолжи да ја носи војничката униформа.

На оваа изјава на Шекеринска реагираше Ковачки преку својот фејсбук профил.

„Не е учтиво од уста на дама на толку висока политичка и партиска функција да напаѓате на личност со неумесен речник и да ме наречете плачко и лажго. Нема да се симнам на тоа ниво, но во интерес и добробит на општеството, на сите родители би им советувал такви фрази да избегнуваат пред своите деца“, реагира Ковачки на неговиот профил.

Тој вели дека министерката манипулира и објавува детали од интерни армиски постапки и дефокусира кога тврди дека во военодисциплинската комисија која одлучувала за неговата казна не членувал ниту еден генерал туку имало и лица помлади по чин од него.

„Па од авион се гледа Вашиот притисок врз Вашата комисија. Институцијата не Ви е партиска играчка да се пресметувате со мене затоа што не мислам како Вас“, вели Ковачки ѝ упати прашање до министерката да појасни која била нејзината улога во набавката на кинеските вакцини.

Ковачки вчера најави дека ќе ја тужи Шекеринска за злоупотреба на службената должност. Како што објави МИА вчера полковникот Ковачки е казнет на шест месеци по 30 отсто од плата поради закана кон началникот на ГШ, генерал-потполковик Ѓурчиновски.

Ковачки: Кривична за Шекеринска за злоупотреба на доверливи документи

„Долга е раката на ВМРО“ е заканата на полковникот Ковачки, кој е и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, кон началникот Ѓурчиновски преку вибер комуникација на која покрај заканата, клеветел и обвинувал, информираа од МО и ГШ на Армијата за МИА. Главната военодисциплинска комисија предложила најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува престанок на работниот однос, на што министерката Шекеринска, водејќи се по начелото на сразмерност на казната со вината, ја оценила оваа мерка за престрога, се наведува во одговорот на МО и ГШ за МИА.